Попова Шапка

Попова Шапка е најпознатиот скијачки центар во Република Македонија. Се наоѓа на Шар планина на 1700 мнв. Оддалечен е 18 км од Тетово и 53 км од Скопје главниот град на Република Македонија. Мошне добро е поврзан со асфалтен пат и често пати е посетуван од голем број туристи како во зимскиот така и во летниот период.
Во текот на летниот период Попова Шапка е појдовно место за голем број планинарски искачувања и прошетки. Од Попова Шапка се тргнува кон највисокиот врв на Шар планина Титов врв исто така кон Лешница, Јелак, Црн врв, Плат итн.
Според легендата невообичаеното име на овој центар настанал кога некогаш одамна некој поп си ја изгубил шапката. Попот заедно со селаните долго ја барале шапката но не успеале да ја најдат. Во еден момент еден од селаните извикал дека шапката е на брдото бидејѓи тоа личело на попова шапка. Поповата Шапка тогаш не успеале да ја најдат но името на регионот останало.
Во 1934г. на надморска височина од 1710 метри на попова Шапка е изграден првиот планинарски дом. Овој дом располагал со 4 соби во кои можеле да се сместат 20 кревети. Во текот на 1936г. домот на Попова Шапка е реконструиран и на приземниот дел е додаден уште еден кат. Со ова проширување сместувачкиот капацитет е проширен за уште 40 легла со што е овозможено 60 луѓе кои се занимавале со планинарство или скијање овде да престојуваат.
Денес на Попова Шапка се изградени голем број на хотели пред се тука се хотел Попова Шапка, хотел Славија, хотел Тетекс и други. Исто така на Попова Шапка има и голем број на одморалишта, планинарски домови. Во рамките на овој центар има и викенд населба со околу 500 викенд куќи.








